Лапорта ликува: „Инвестираа многу, а не освоија ништо, па мора да измислуваат лаги“

За време на хуманитарниот голф-турнир организиран од Роналд Куман во корист на фондацијата „Јохан Кројф“, претседателот на Барселона, Жоан Лапорта, одговори на обвинувањата упатени од Флорентино Перес. Првиот човек на Реал Мадрид повторно го коментираше случајот „Негреира“ и дури изјави дека Кралевите биле ограбени за седум титули во последните години, како и за 18 бода во тековната сезона.

„Тоа беше гротескна прес-конференција, полна со лаги околу случајот ‘Негреира’, димна завеса и стратегија за одвлекување внимание по две години без освоен трофеј. Инвестираа многу, а сè уште немаат освоено ништо. Го раширија вентилаторот на својата беда.“, изјави Жоан Лапорта.

„А ние победуваме веќе две години – две титули во лигата, два Суперкупа.“, додаде тој.

Претседателот на Барселона изјави дека случајот „Негреира“ нема да доведе до ништо и дека правосудните органи на крајот ќе ја прифатат позицијата на клубот.

„Односите со Реал Мадрид се прекинати откако тие го персонализираа случајот и постапија неправилно. Флорентино Перес кажа скандалозни работи, но секој е слободен да прави што сака. Она што не може да го очекува е дека нема да има реакција. Клубот ги разгледува овие изјави.“, порача Жоан Лапорта.

Лапорта уште еднаш го изрази своето задоволство од сезоната што привршува.

„Имаме тим што луѓето го сакаат, постои големо единство и мора да продолжиме да работиме за да ги направиме потребните корекции.“

Ханси Флик го продолжи договорот, а тоа носи стабилност. Сакавме сè да помине толку добро. Тоа се случи и со Пеп Гвардиола своевремено. Одлуката да го донесеме се покажа како одлична. Тој е чесен, професионален, работи секој ден и учествува во сè“, призна првиот човек на Каталонците.

„Секогаш е добро да бидеш во рамките на правилото 1:1 на Ла Лига, но и ако не си, секогаш постојат начини, иако поскапи, да ги доведеме играчите што ги сакаме. Секогаш сме успевале во тоа. Но, тоа што сме во рамките на правилото 1:1 не значи дека ќе полудиме и ќе трошиме прекумерно. Играчите за кои зборувате се многу добри, но ние сме тие што ќе ги поставиме условите“, заврши Жоан Лапорта.

- Оглас -

Најнови вести