Неправда за играч со 9 пехари – Нема место за Пандев во италијанскиот дрим-тим со фудбалери од Источна Европа

Порталот „Фудбал Италија“ состави идеален тим од играчи од Источна Европа што играле или сè уште настапуваат во Серија А и во него не најде место за Горан Пандев.

Струмичанецот има и европска и светска клупска круна со Интер, игра со многу успех и во континуитет на Чизмата речиси две децении, но не влезе во дрим-тимот на „Фудбал Италија“.

Интересно е што Пандев е потрофеен играч од грото фудбалери за кои има место во идеалните 11, а има вкупно 9 пехари на Чизмата. Пет се освоени во Kупот на Италија со три различни екипи, Лацио, Интер и Наполи, има една шампионска круна со Интер во Серија А, потоа и највредните пехари од Лигата на шампионите и Светското клупско првенство, освоени со Интер и една титула во Суперкупот на Италија исто така во дресот на Нераѕурите.

Во изборот на „Фудбал Италија“ најбројни се српските фудбалери и ги има тројца, а тоа се Синиша Михајловиќ, Владимир Југовиќ и Дејан Станковиќ.

Во формација 3-4-2-1 според позициите на теренот, во дрим-тимот се вклучени и Црногорецот Дејан Савичевиќ, потоа Хрватот Звонимир Бобан, Украинецот Андриј Шевченко, полската легенда Збигњев Боњек, Чехот Павел Недвед, словенечкиот голман Самир Хандановиќ, Грузиецот Каха Калаѕе и Кристијан Киву од Романија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести