Чурлинов: Фаворити сме против Малта, но тоа треба да се потврди и на теренот

Повредите се минато за Дарко Чурлинов и тој сега повторно е подготвен да ѝ помогне на македонската репрезентација, на стартот од квалификациите за Европското првенство 2024 година. Македонија на стартот од овие квалификации на свој терен во Скопје ќе игра против Малта, селекција против која реално ја имаме улогата на фаворит.

Чурлинов верува дека Македонија на теренот со добра игра ќе ја потврди фаворитската улога и дека квалификациите ќе ги започнеме со три бода.

„Навистина се радувам и среќен сум што по подолго време, повторно ќе бидам дел од македонската репрезентација. Изминатите месеци поради повредата на мускулот беа тешки за мене, но сега повторно сум во натпреварувачка форма и се разбира дека тоа сакам да го пренесам на репрезентативните предизвици кои ни следуваат. Јас ги пропуштив последните три репрезентативни собири и навистина со нетрпение го очекувам собирот за почетокот на квалификациите за ЕП 2024. Речиси секојдневно сме во контакт со репрезентативните колеги и можам да потврдам дека го делиме истото чувство. За нас, почетокот на квалификациите е многу важен. Фаворити сме против Малта, но тоа треба да го покажеме на терен. Имаме сила, веруваме во себе и така ќе се поставиме. Ќе се обидеме да го пренесеме на терен тоа што од нас го бара селекторот. Некогаш резултатите се добри, некогаш не, но целта е што подобро да ја претставиме Македонија и да постигнеме најдобар можен резултат. Ќе дадеме сè од себе во овие квалификации и верувам дека можеме да направиме голема работа“.

- Оглас -

Најнови вести