Се зголемува притисокот Ирска да го бојкотира мечот против Израел во Лигата на нациите

Дел од најдобрите ирски фудбалери и познати личности во оваа земја ја повикаа репрезентацијата да го бојкотира натпреварот од Лигата на нациите против Израел кој треба да се игра во октомври. Во отворено писмо до Фудбалската асоцијација на Ирска (ФАИ) испратено од кампањата „Ирски спорт за Палестина“, Израел беше обвинет за „геноцид“ во војната во Газа и за кршење на статутите на УЕФА и на ФИФА.

Во ноември 2025 година дури 93 проценти од членовите на ФАИ гласаа за одборот да изврши притисок врз УЕФА за потенцијално исклучување на Израел, одлука за која активистите рекоа дека ирското управно тело треба да „ја почитува и да ја претставува“. Израел, сепак, негира дека неговата војска извршила геноцид. Писмото, насловено како „Стоп на натпреварот“, го потпишаа фудбалери кои се дел од ирското првенство, поранешниот селектор на машката репрезентација Брајан Кер и двократната фудбалерка на годината кај жените Луиз Квин.

Ирскиот рок бенд „Фонтејнс Д.Ц.“, хип-хоп триото „Никап“ и пејачката и текстописец Кристи Мур беа меѓу другите потписници, заедно со актерот номиниран за Оскар, Стивен Рија. Република Ирска ќе биде домаќин на Израел на 4 октомври во натпревар од Лигата на нациите.

Писмото го вклучува и потписот на локалниот гигант Шемрок роверс, капитенот и претседател на Здружението на професионални фудбалери, Роберто Лопес, кој е роден во Даблин, но ќе игра на Светското првенство како репрезентативец на Зеленортските острови. Тој ја нарече ситуацијата на палестинските територии „хуманитарна катастрофа што не може да се игнорира“.

Сепак, премиерот на Република Ирска, Мајкл Мартин, изјави дека двата натпревари на тимот против израелскиот тим мора да се одиграат.

„Бевме критични и многу гласни во врска со политиките на израелската влада, особено во Газа. Го осудивме нападот на Хамас врз Израел, кој беше апсолутно ужасен. Но, спортот станува многу чувствителна тема кога се меша со политиката“, изјави премиерот на Ирска.

Израел игра под „капата“ на УЕФА од почетокот на 1980-тите откако Азиската фудбалска конфедерација (АФЦ) ги исклучи во 1970-тите поради бојкот од неколку земји од Блискиот Исток.

- Оглас -

Најнови вести