Вардар на најдобар можен начин повторно го врати ракометниот трофеј во домашното првенство, откако во “Јане Сандански” го победи вечниот ривал Еурофарм Пелистер и тоа убедливо со 34:19.
По овој триумф Вардар сега има 56 бодови и на три кола до крајот на првенството и официјално го освои шампионскиот пехар, бидејќи второпласираниот Охрид има 48 бодови.

Вардар добро го отвори мечот и поведе со 3:1, а потоа имаше и водство од 6:3 во осмата минута. Предноста од три гола беше задржана и по 20 минути кога Вардар водеше со 11:8. Потоа следуваше уште пофуриозна игра на Црвено-црните, па до крајот на првиот дел стигнаа и до највисока предност од шест гола (18:12).
Во второто полувреме продолжи шоуто на новиот првак. Со серија од 4:0, Вардар стигна и до двоцифрена предност од 22:12 во 40 минута.
До крајот следуваше само шампионска рапсодија за потврда на освоената титула број 16 за Вардар, најтрофејниот ракометен колектив во Македонија.
Најефикасни во вардариот тим беа Митровиќ со осум голови и Малус со шест погодоци. Кај Пелистер, Кузмановски и Радивојевиќ постигнаа по пет гола.

