Бразил против Перу во недела од 22 часот на легендарната „Маракана“ во Рио де Жанеиро ќе игра во финалето на Копа Америка. Кариоките ќе го имаат домашниот терен на своја страна, но дури и да не се играше во Рио, според традицијата и составот на селекциите, Бразил е голем фаворит.
Кога се играла Копа Америка во Бразил, домаќинот секогаш го освојувал трофејот. Интересно е што Бразил и Перу веќе играа еднаш на оваа Копа Америка и тоа беше дуел од групната фаза. Во рамките од третото коло на групата А, Бразил го растури Перу со 5:0.
Каземиро го отвори резултатот во 12-тата минута, а до полувремето погодија и Фирмино (19) и Евертон во 32-рата минута. Во второто полувреме Бразил даде уште два гола, и тоа со погодоците на Дани Алвес во 53-тата и на Вилијан во 90-тата минута.
И традицијата дефинитивно е на страна на потрофејниот Бразил. Во последните 44 години, Перу има само една победа во 19 меча. Во овој период Кариоките се радувале на 13 победи, а пет дуели завршиле нерешено.