Завесата на сезоната во фудбалска Европа ќе биде спуштена в сабота кога ќе се игра финалето во Лигата на шампионите меѓу Реал Мадрид и Борусија Дортмунд.
Интересно е што на Реал Мадрид му се случува повторување на настаните од 2022 година кога во финалето во ЛШ со 1:0 го совлада Ливерпул и според навивачите на Кралскиот клуб, тоа е најава дека тие по 15-ти пат ќе го кренат шампионскиот пехар.
И во 2022 и во 2024 година, Реал Мадрид ја освои титулата во Ла Лига четири кола пред крајот на сезоната, а во последното коло играше против ист тим и оствари идентичен резултат.
И пред две години и сега, Реал Мадрид во последното коло во Ла Лига одигра без голови против Бетис.
И во 2022 и во 2024 година, кошаркарите на Реал Мадрид во финалето во Евролигата загубија од тим кој го тренираше Ергин Атаман. Пред две години Атаман со Анадолу Ефес ги совлада Кралевите, а оваа година Турчинот титулата ја освои со Панатинаикос.
Уште една симболика која ги радува навивачите на Реал Мадрид и таа дека финалниот меч ќе се игра во главниот град на држава од која е најдобриот стрелец на екипата.
Пред две години, Карим Бензема беше најдобар стрелец на Реал Мадрид, а финалето се играше на стадионот „Франција“ во Париз, додека годинава ќе се игра на „Вембли“ во Лондон, а најдобар стрелец оваа сезона е англискиот репрезентативец Џуд Белингам.