Дали Мурињо ќе комбинира во Скопје или пак ќе ги пушти неприкосновените Кејн и Сон?

Најголема штета во пресрет на вечерното гостување на Тотенхем во Скопје за дуелот против Шкендија е што портите на арената „Тодор Проески“ се затворени за навивачи. Квалификацискиот дуел од Лигата на Европа ќе се игра без публика, исто како во повеќето првенства, поради мерките за заштита и спречување на ширење на вирусот ковид-19. За македонските фудбалски љубители навистина е штета бидејќи не секој ден Тотенхем доаѓа во нашиот главен град.

На Жозе Мурињо ќе му биде вторпат да биде наш гостин, откако во 2017 година во метрополата дојде со Манчестер јунајтед и загуби од Реал Мадрид во Суперкупот на Европа. Шкендија истата година се соочи со уште поголем гигант на име во квалификациите од ЛЕ, против седумкратниот европски првак Милан, исто така на скопската Арена.

Ако се земе предвид со какви квалитетни играчи располага „Специјалниот“, шансите за Шкендија да направи сензација се минимални. Дури и Мурињо да пушти комбиниран состав, тетовци секако ќе имаат големи маки и ќе треба да пружат вонсериска партија за евентуален резултат кој би ги одвел до плејофот.

Тотенхем доби повеќе време за одмор со оглед на тоа дека се одложи мечот против Лејтон ориент од Лига купот на Англија, па можно е повеќето првотимци да играат од првата минута. Во второто коло од Премиер лигата, Тотенхем славеше со убедливи 5-2 на гости кај Саутхемптон, меч во кој Кореецот Сон беше немилосрден со четири гола, кои сите му ги намести Хари Кејн. Доволно е само еден од нив двајцата да биде во стартните 11 за да биде најзабележан играч на теренот.

Сепак, од Мурињо се очекува да одмори неколку играчи со цел да ги одржи здрави, како на пример: новиот резервен голман Џо Харт да брани од првата минута на местото од капитенот Љорис. Исто така можно е да се одморат новите засилувања Доерти и Хојбјерг, а наместо Лукас, да игра холандскиот офанзивец Бергвајн.

Шкендија е непоразена откако почна новата сезона и оствари шест победи во вкупно осум меча и само две ремија. Добрата форма му овозможи на тетовскиот тим да застане на челната позиција во македонскиот шампионат, а воедно избраниците на Ернет Ѓока редовно го покажуваат напаѓачкиот потенцијал.

Ѓока ќе располага со најсилниот состав, како што беше во дуелот против Ботошани, што значи дека Шкендија ќе биде предовдена од Бесарт Ибраими.

Можни состави:

Шкендија: Захов, Мурати, Кривак, Бејтулаи, Павиќ, Дита, Алими, Дориев, Тотре, Ахмеди, Ибраими.

Тотенхем: Харт, Орие, Санчес, Алдервирелд, Дејвис, Винкс, Ндомбеле, Бергвајн, Али, Ламела, Кејн.

 

- Оглас -

Најнови вести