Дали веќе се знае шампионот? Лејкерс доминираше во првиот меч, Мајами остана без двајца стартери (Видео)

Предводена од Ентони Дејвис и Леброн Џејмс, екипата на Лос Анџелес лејкерс стигна до 1:0 во победи во големото НБА-финале. Уште пред мечот, Лејкерс ја имаше фаворитската улога и на крајот славеше победа од 116:98.

Почетокот на мечот не покажуваше дека Лејкерс лесно ќе победи затоа што Мајами започна максимално мотивирано и само по неколку минути поведе со 23:10, а потоа и 25:12. Ова рано водство беше како аларм за Лејкерс, па со добра игра тимот од ЛА успеа до крајот од првата четвртина да направи целосен пресврт и да поведе со 31:28.

Од тој момент, па до крајот, Мајами ниту еднаш веќе не беше во водство. Фуриозна беше играта на шампионот од Западот во втората четвртина која ја доби со 34:20, па на полувреме предноста изнесуваше 65:48. Освен високата негатива, за Мајами голема неволја беа и повредите на двајца од стартерите.

Поради повреда на стапалото, Горан Драгиќ остана во соблекувалната на полувремето, додека Бам Адебајо мечот го заврши во третата четвртина поради истегнување на рамото. Џими Батлер во првото полувреме го повреди глуждот на ногата, но тој продолжи да игра.

Уште не се знае колку се сериозни повредите на Драгиќ и Адебајо, но доколку двајцата стартери на Мајами не можат да продолжат во финалната серија, јасно е дека Лејкерс многу брзо ќе ја слави 17-тата титула во НБА.

Ентони Дејвис блесна во својот прв меч во НБА-финалето и заврши со 34 поени, девет скока и пет асистенции. Џејмс беше на чекор до трипл-дабл и на крајот заврши со 25 поени, 13 скокови и девет асистенции. Кај Мајами најпрецизен беше Батлер со 23 поени.

Вториот меч од финалето во НБА се игра во петок кон сабота, во три часот наутро.

 

 

 

- Оглас -

Најнови вести