Пелистер и Брера се фаворити за опстанок, но Скопје и Шкендија Арачиново сакаат изненадување

Клупската фудбалска сезона во Македонија и официјално ќе заврши попладнево со двата бараж-натпревари за опстанок/пласман во Првата лига. Пелистер и Брера до последен момент ќе стравуваат за задржување на прволигашкиот статус, а Скопје и Шкендија Арачиново сакаат изненадување и промоција во повисок ранг.

На „Градскиот стадион“ во Кавадарци се игра мечот помеѓу осмопласираниот од Првата лига, Пелистер, и третопласираната екипа од Втората лига, Шкендија Арачиново. Јасно е дека битолчани се фаворити, не само бидејќи доаѓаат од повисок ранг, туку и дека се работи за екипа составена од квалитетни домашни, но и интернационални фудбалери.

Арачиновци, како што велат и самите, играат историски меч за клубот и се чини дека никогаш во нивната речиси 50-годишна историја не биле поблиску до пласман во Првата лига, но за такво нешто ќе мора да го „искачат“ Пелистер.

Вториот меч се игра на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола и очекувањата се дека ќе биде далеку понеизвесно за разлика од Кавадарци. Брера како прволигаш можеби е во мала предност, но Скопје заврши со ист број на бодови со освојувачот на Втората лига и не обезбеди директен пласман само поради послабиот меѓусебен дуел.

Екипата од Автокоманда со големи амбиции влезе во оваа сезона, се засили и со неколку поранешни репрезентативци на Македонија, па нема да биде големо изненадување и доколку успее да се промовира во нов прволигаш преку струмичани.

Попладнево на програмата е и последниот бараж-меч за пополнување на Втората лига, а на стадионот во скопската населба Ѓорче Петров се среќаваат Тетекс од Тетово и Влазними од Струга. Тетовскиот второлигаш е голем фаворит на овој меч и се освен убедлива победа и задржување на второлигашкиот статус би било големо изненадување.

- Оглас -

Најнови вести