Дамите го враќаат тенисот на мапа – Во Палермо нема топ-10 тенисерка, но ќе има голема битка за титулата

Дамите го враќаат тенисот на спортската мапа и денеска од 16 часот во Палермо ќе означат нов почеток по пауза од март, поради пандемијата со Ковид-19.

Иако на ВТА турнирот ќе ја нема елитата, односно не игра ниту една тенисерка од топ-10 на светската листа, сепак овој настан е посебен.

Ќе означи нов почеток за тенисот по долга пауза, а интересно е што ќе се игра иако и тука непосредно пред стартот на квалификациите за настап на турнирот имаше тенисерка со позитивен тест.

Бугарката Викторија Томова се пожали на симптоми на Ковид-19 и излезе дека има позитивен тест. Се повлече од турнирот, но тенис продолжи да се игра, на првиот турнир со кој ќе се означи рестарт на еден од најатрактивните индивидуални спортови.

Прва носителка е Хрватката Петра Мартиќ, моментно 15-та на ВТА листата, а има уште неколку тенисерки што имаат потенцијал за големи успеси од калибарот на Вондрусова, Касаткина, Сакари, Контавејт, Мертенс…

Посебна атракција особено за домаќините ќе биде и учеството на Сара Ерани, сега веќе ветеранка на 33-годипна возраст. Сара доби вајлд-карта за настап, а познато е дека во врвот на кариерата играше финале на Ролан Гарос, што го загуби од Марија Шарапова со 0:2 во сетови пред 8 години.

 

- Оглас -

Најнови вести