Менаџерот на Тотенхем, Роберто Де Зерби, одржа мошне емотивна и енергична прес-конференција, испраќајќи јасна порака до сите во клубот да го „замолчат“ негативниот внатрешен глас кој сугерира дека тимот веќе е осуден на испаѓање.
Италијанецот е убеден дека, и покрај бројните проблеми со повреди, неговиот состав поседува доволно квалитет за во недела да слави на гостувањето кај Астон Вила и со тоа да ги зголеми шансите за опстанок.
Дополнителен мотив е и можноста Вест Хем да киксне ден претходно против Брентфорд.
„Сакам да бидам апсолутно јасен. Најголемиот предизвик во моментов е да го замолчиме гласот во нас – кај играчите, стручниот штаб и навивачите. Тој глас создава негативност: дека немаме среќа, дека сме преплавени со повреди, дека го загубивме Чави Симонс, кој беше еден од нашите најважни играчи во последните натпревари, дека медицинскиот тим не е доволно добар, дека условите не се на ниво, дека не можеме да врземе победи затоа што немаме резултати во 2026 година.
Сето тоа се изговори и глупости. Јас сакам фокусот да биде на нас и на квалитетот што го поседуваме. Ни следува натпревар против еден од најдобрите тимови во Премиер лигата во моментов. Имам огромен респект кон Емери, но ако победиме на „Вила Парк“, тоа нема да биде никакво чудо.
Можно е да загубиме, но имаме квалитет да победиме, и тоа е реалност. Треба да бидеме позитивни и горди што сме дел од голем клуб.
Ако ги нема Соланке и Симонс, тука се Коло Муани, Тел и Ришарлисон, различни по стил, но исто така врвни играчи. Ги имаме и Педро Поро, Удоги, Ван де Вен, Бентанкур, Палиња, Галагер.
Сега сите плачат и зборуваат дека испаѓаме. Не е така. Пред да загубиме, треба да излеземе на терен и да се бориме. Имаме само два бода помалку од Вест hем, а и нив ги чека тежок натпревар. Губитниците плачат и мислат негативно. Не сакам луѓето околу мене да имаат таков менталитет“, истакна Де Зерби.

