Дејвид Бекам се шокираше кога ја виде неговата статуа, а потоа дозна дека е на скриена камера (Видео)

Дејвид Бекам пред 10-тина дена присуствуваше на прoмоција на фудбалската статуа во негова чест пред стадионот на Лос Анџелес галакси. Бекам помина пет години во ЛА галакси и беше вистински промотор на клубот низ целиот свет. Како благодарност за сè што направи за клубот, Бекам доби своја статуа.

Легендарниот англиски фудбалер беше задоволен од тоа како е изработена статуата и се сликаше пред неа. Сепак, малку кој знаеше дека неколку дена пред да биде откриена статуата, Бекам бил цел на „Скриена камера“.

Британскиот комичар Џејмс Корден добил идеја како непријатно да го изненади Бекам, а воедно тоа да биде и смешно. Џејмс бил инспириран од смешната статуа која ја имаа добиено Кристијано Роналдо и Мохамед Салах, па сега сакаше да види како ќе реагира и Бекам ако такво нешто му се случи и нему.

„Кога слушнав дека мојот пријател Дејвид Бекам уште ја нема видено статуата, решив малку да се забавувам и да направиме лажна статуа“, објасни комичарот Корден.

За да биде успешна „Скриената камера“, биле ангажирани и глумци, а Бекам воопшто не бил свесен што му се случува.

„Се сеќавам кога ја започнуваше кариерата во Сити“, му рече „обожавателот“ Том, а Бекам веднаш го коригираше дека играл за Јунајтед, а не за Сити во Манчестер.

Бекам неколку пати бил испровоциран, но кулминацијата била кога требало да се покаже статуата.

„Погледнете ми ги брадата, очите… искрено мислам дека само фризурата ми е добра. Нема шанса ова да биде поставено пред стадионот. Ова треба да го гледаат и моите родители, жена ми, децата. Ќе плачат кога ќе видат како изгледам на статуава“, рече Бекам.

Целата скриена камера која е објавена откако беше поставена оригиналната статуа, може да ја погледнете во продолжение.

- Оглас -

Најнови вести