
Селекторот на фудбалската репрезентација на БиХ, Сергеј Барбарез, по пријателскиот натпревар против Македонија упати пофалби за нашиот национален тим, нагласувајќи дека станува збор за квалитетна селекција против која не е лесно да се игра.
Барбарез истакна дека Македонија располага со јасна идеја во играта, како и со искусни и квалитетни фудбалери, поради што неговата репрезентација немала лесна задача на теренот.
„Нема дилеми дека Македонија е квалитетна репрезентација. Се гледа дека тимот има јасна идеја, а во составот има искусни и навистина добри играчи. Ние не сме селекција која лесно може да постигне пет гола, а особено не против Македонија“, изјави Барбарез.
Селекторот на БиХ упати и честитки и поддршка до новиот македонски селектор Гоце Седлоски, посакувајќи му успешна работа во иднина.
„Му посакувам многу среќа на вашиот селектор Гоце Седлоски. Се надевам дека ќе ги оствари своите цели и дека Македонија ќе стигне до резултатите што ги посакува“, додаде Барбарез.

