Денес е посебен ден за Фабрегас, бројките покажуваат зошто

Речиси два месеци трае мораториумот на европскиот фудбал, а во една таква ситуација интересни се бројките и јубилеите кои се случуваат во овој период. Сеск Фабрегас е еден од оние фудбалери кои речиси една и пол деценија е дел од врвниот фудбал. Шпанецот е играч кој со репрезентацијата бил двапати европски и еднаш светски првак, а и во клупската кариера има многу трофеи.

Фабрегас беше дел од младинскиот тим на Барселона, но потоа замина во Арсенал, каде што и дебитираше на професионалната сцена. На 28 октомври 2003 година Фабрегас заигра на дуелот против Ротерам јунајтед во Лига купот, и тоа само на 16 години 177 денови, што беше апсолутен рекорд во историјата на Топчиите.

Од тој меч против Ротерам досега, Фабрегас одигра точно 800 меча, а денеска е точно 16 години и 177 денови од неговото деби во Арсенал. Тоа фактички значи дека Фабрегас точно половина од својот живот го поминува како професионален фудбалер, и тоа на врвно ниво.

Во изминативе 16 години и 177 денови Фабрегас има постигнато 137 голови, 240 асистенции, а освои вкупно 17 трофеи. Освен Арсенал, Фабрегас играше и за Барселона, Челзи и сега е во тимот на Монако.

- Оглас -

Најнови вести