Крилниот напаѓач на Челзи, Вилијан Естевао, е изоставен од прелиминарниот состав на Бразил за Светското првенство и нема да игра на Мундијалот летово.
Естевао не е вклучен во прелиминарниот состав од 55-темина играчи бидејќи нема да има време да закрепне од повредата на мускулот на бутот на десната нога што ја заработи на 18 април, на натпреварот од 33-тото коло од Премиер лигата против Манчестер јунајтед.
Ова е тежок удар за 19-годишниот фудбалер, кој одлучи да не се подложи на операција и отпатува во Бразил на конзервативен третман, надевајќи се дека ќе има време да закрепне и да биде дел од Светското првенство.
Во својата дебитантска сезона во Англија, Естевао постигна осум гола и имаше четири асистенции во 35 натпревари за Челзи. На 11 натпревари за А тимот на Бразил, Естевао постигна пет гола.
Селекциите имаат право до 11 јуни да направат какви било промени во составот од 26-темина кои ќе бидат на СП, но тој што би влегол дополнително, мора да биде некој од широкиот список од 55-темина. Откако ќе почне Светското првенство, замени ќе бидат дозволени само 24 часа пред првиот натпревар ако повредата е потврдена со медицински извештај. Единствениот исклучок е за голманите.

