Динамо Загреб против Црвена ѕвезда беше потенцијален дуел во плејофот за пласман во Лигата на шампионите, но, за жал на многумина, тоа нема да се случи, и тоа поради неуспехот на српскиот првак во претходното квалификациско коло. Црвено-белите беа елиминирани од Шериф Тираспол, па наместо балканско дерби, вечерва Динамо ќе игра против шампионот на Молдавија.
Кога беа дел од заедничката држава, СФР Југославија, Динамо и Ѕвезда беа големи ривали. Одиграа 90 меча во првенството, 17 пати се сретнаа во Купот, а одиграа и 39 пријателски средби. Последен пат играа на 18 мај 1991 година во Загреб, кога Динамо победи со 3:2. На тој меч играа нашите Дарко Панчев и Илија Најдоски. Панчев ги постигна двата гола за Ѕвезда, но српскиот тим загуби.
По три децении, УЕФА во ждрепката за малку ќе ги споеше Динамо и Ѕвезда, но српскиот тим наместо во квалификациите од Лигата на шампионите, сега ќе продолжи во Лигата на Европа, додека Модрите од Загреб се на чекор од пласман во групната фаза во елитното натпреварување на УЕФА.
Од 21 часот Динамо ќе гостува кај Шериф во плејофот од ЛШ, додека Црвена ѕвезда во Белград ќе го пречека романскиот Клуж во плејофот од Лигата на Европа.