Дешамп се извини за гафот со химната на Албанија (видео)

Самата реакција на албанските репрезентативци покажува каков гаф направија Французите при интонирањето на химните во пресрет на вчерашниот дуел. Пред почетокот на дуелот на „Сент Дени“ во кој светскиот првак славеше со убедливи 4-1, Албанците беа пречекани со погрешна химна, односно при интонирањето се слушаше химната на Андора, наместо на Албанија.

За ситуацијата да биде уште покомична, францускиот спикер потоа се извини на Ерменија поради збрката со химните, наместо на Албанија, што создаде уште поголема нервоза кај албанскиот состав, кои пак на момент не сакаа да играат.

По мечот, селекторот на Франција Дидие Дешамп, се извини за грешката која не смееше да се направи.

„Им се извинив и на селекторот и на целата репрезентација. Јасно ми е дека вакви работи не смеат да се случат, но ете, се случи. Потполно ја разбирам нивната реакција, тие очекуваа да ја слушнат својата химна како што доликува пред секој меѓународен натпревар“, истакна Дешамп.

Инаку, Триколорите за два дена ќе ја пречекаат селекцијата на Андора, така што не би требало и со нивната химна да погрешат.

Комичната сцена и реакцијата на албанските фудбалери можете уште еднаш да ја видите во следното видео:

- Оглас -

Најнови вести