Џабе дојде и во ПСЖ: Буфон втора година по ред е елиминиран со гол од пенал во 90+ минута

Џанлуиџи Буфон е голманот кој во кариерата има освоено многу трофеи и признанија како на клупски така и на индивидуален план. Сепак, 41-годишниот Буфон најверојатно ќе мора кариерата да ја заврши без посакуваниот трофеј во Лигата на шампионите.

Ветеранот на голот на ПСЖ синоќа прими еден од најтешките удари, откако неговиот тим беше елиминиран на свој терен иако пред реванш-дуелот имаше позитива од 2-0. Да биде потрагично за Буфон, тој е еден од виновниците. Иако зад себе има повеќе од две децении искуство, популарниот Џиџи лошо реагираше при вториот погодок на Лукаку, кога Манчестер поведе со 2-1. 

За да биде комплетиран кошмарот на Буфон, на крајот му се повтори „Дежа ви“ од минатата сезона. Прими гол од пенал во судиското надополнување и со тоа е елиминиран од Лигата на шампиони. Италијанскиот голман лани го носеше дресот на Јувентус, кога „старата дама“ имаше водство од 3-0 во Мадрид против Реал и сè беше подготвено да има продолженија (Реал во Торино победи со 3-0), кога беше досуден пенал во судиското продолжение. Тогаш Кристијано Роналдо го матираше Буфон и му го сруши сонот за европска титула. Голот го даде во 97-мата минута.

По тој неуспех, Џиџи реши дека е време речиси по две децении да го напушти Јувентус, клубот со којшто играше во три финалиња од ЛШ, но сите три ги загуби (во 2003 година од Милан, во 2015 година од Барселона и во 2017 година од Реал Мадрид). Следната дестинација му беше ПСЖ, клуб кој најмногу инвестира во играчи, со надеж дека може да стигне до првата европска титула.

Сепак, дека не е сè во парите, се покажа и синоќа. ПСЖ дома загуби од Манчестер јунајтед со 3-1, а голот за радост на англискиот гигант го даде Маркус Рашфорд во 93-тата минута.

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести