Џабе му се гол и асистенција – Утна пенал во 99-тата минута и потоа направи уште една глупост (Видео)

Јаник Караско одигра меч што долго ќе се памети во Лигата на шампионите, а почетокот со гол и асистенција се претвори во трагичен крај и за него и за Атлетико Мадрид.

Белгиецот погоди против Баер Леверкузен во 22-рата минута, а потоа му асистираше на Де Пол во 50-тата минута за 2:2 и за надеж дека Јорганџиите ќе ја продолжат битката за осминафинале во Лигата на шампионите.

На Атлетико му требаше победа, а златна шанса им излезе во досега невидена ситуација, откако судијата Клеман Турпан досуди крај на мечот, но потоа се пишмани и свирна пенал за шпанскиот клуб во 99-тата минута.

Имаше реакција од ВАР-собата по играње со рака на фудбалер на Баер во гостинскиот шеснаесетник и Турпан покажа на белата точка, иако претходно свирна крај.

Караско го промаши пеналот, а драмата кулминираше со погодена пречка на Саул Нигес по одбиената топка од голманот Храдецки и со трет удар кон голот на Баер што го изведе Реиналдо, а не сакајќи го блокира токму несреќниот Белгиец.

Топката сигурно ќе завршеше во голот на Германците, но Караско во афект со нога ја крена топката над голот на гостите и остана 2:2, па Атлетико испадна и ќе се бори со Баер за место во Лигата на Европа.

https://twitter.com/Issam830/status/1585376004008468480?s=20&t=EGHT1U-sBugzQuGGt4ZwQA

Пред стартот на последното коло, што ќе се игра на први и втори ноември, во нокаут-фазата се пласираа 12 од 16 клуба.

Во осминафиналето се: Наполи, Ливерпул, Бриж, Порто, Баерн, Интер, Челзи, Реал Мадрид, Манчестер сити, Борусија Дортмунд, ПСЖ и Бенфика.

 

- Оглас -

Најнови вести