Димитриевски брани во интересен клуб – Навивачите на Рајо го чистеа стадионот од политика (Видео)

Столе Димитриевски брани во интересен клуб со долга левичарска традиција и симпатизери, а на оригинален начин навивачите на Рајо Валјекано мирно протестираа против двајца политичари од ултрадесничарската партија „Вокс“.

Сантијаго Абаскало и Роки Монасфери, кои се членови на „Вокс“, беа гости на клубот на дуелот со Албасете, што заврши нерешено 2:2, а тоа не им се допадна на левичарите од навивачката фракција „Буканерос“ кои навиваат за Рајо.

По мечот, во знак на протест тие ги чистеа трибините со алузија на дезинфекција на стадионот поради присуството на членовите на „Вокс“.

„Нашиот клуб и стадионот мора да бидат слободни и очистени од фашизмот“, објавија „Буканерос“ и тргнаа во герила акција.

И претходно симпатизерите на Рајо имаа слични акции, а токму еден меч против Албасете и го прекинаа по скандирањата против украинскиот фудбалер Роман Зозулја.

Зозулја претходно играше токму за Рајо Валјекано, а навивачите на овој клуб протестираа поради наводното минато на Роман и неговата поврзаност со фашистичкото движење во Украина.

Објавена беше и фотографија на Зозулја со фашистички симболи, но играчот демантираше, а мечот воопшто и не почна, па потоа беше преигран.

 

- Оглас -

Најнови вести