Во последните години често губи битки со Барселона на теренот, но Реал Мадрид и натаму останува неприкосновен надвор од него – барем кога станува збор за социјалните мрежи. Најновото истражување на „ЦИЕС Фудбалската опсерваторија“ покажа дека Кралскиот клуб е најследениот фудбалски бренд во светот.
Анализата ги опфаќа официјалните профили на клубовите Фејсбук, Инстаграм, ТикТок, Јутјуб и Икс, а Реал Мадрид убедливо се наоѓа на врвот со дури 488 милиони следбеници. Веднаш зад него е големиот ривал Барселона со 442 милиони, што значи дека двата шпански гиганти заедно имаат неверојатни 930 милиони фанови на глобално ниво.
Трет на листата е Манчестер јунајтед со 239 милиони следбеници, додека ПСЖ е четврти со 208 милиони. Во топ 10 се уште Манчестер сити, Ливерпул, Јувентус, Баерн Минхен, Челзи и Арсенал.
Особено внимание привлекува растот на Баерн Минхен, кој во последните 12 месеци добил повеќе од 16 милиони нови следбеници, што претставува раст од 11 проценти, најголем меѓу водечките европски клубови.
Истражувањето покажува и дека Инстаграм и Фејсбук остануваат најсилни платформи за фудбалските клубови, со по 31 процент од вкупната публика, додека ТикТок бележи сè поголемо влијание.
Надвор од Европа, најследен клуб е бразилскиот Фламенго со 71,6 милиони следбеници. Зад него се Ал-Наср, кој дополнително профитира од популарноста на Кристијано Роналдо, како и египетскиот Ал-Ахли, кој има огромна база на навивачи на африканскиот континент.

