Димитриевски за ланскиот одбранет пенал против Барса: На Депај му побарав дрес пред да шутне!

Рајо Валјекано во минатата сезона двапати ја победуваше Барселона со по 1-0, Столе Димитриевски успеваше да ја сочува својата мрежа, дури мораше да одбрани и пенал за да не прими гол.

Македонскиот репрезентативен голман, се најде очи во очи со Мемфис Депај, му се доближи, му кажа нешто, а потоа му го одбрани пеналот, спречувајќи го Холанѓанецот да изедначи на 1-1 на средбата во октомври во Мадрид.

„Обично откако ќе одбранам пенал некому, после мечот му го барам дресот. Тогаш на Мемфис му побарав дрес пред да ми шутне. Не ми го даде дресот после мечот, а не сум сигурен ни дека ме разбра што му кажав“ – раскажа кумановецот.

Вечерва Рајо ќе има многу тешка задача против засилената и мотивирана Барселона, а ако има пенал за Каталонците, веројатно ќе го шутира Роберт Левандовски. Барса уште од далечната 1939 година не загубила дома на меч од прво коло, па пред Рајо е речиси невозможна мисија да освои бод или три.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести