Димитријевиќ му пресуди на Емил, Рајковиќ веќе не е тренер на ЦСКА Москва

Македонскиот кошаркарски стручњак Емил Рајковиќ од денеска веќе не е тренер на ЦСКА Москва.

Рајковиќ ја презеде големата ЦСКА во летото 2022 година. Минатата сезона под водство на Рајковиќ тимот ги постави вечните рекорди по бројот на победи (30) во една сезона од ВТБ-лигата, па Емил го доби и признанието за тренер на годината во ВТБ-лигата.

Сезонава резултатите не се како што очекуваа во клубот, а по поразот од Уникс Казан во меч на кој Ненад Димитријевиќ даде 40 поени за Уникс, Рајковиќ доби отказ. Од стручниот штаб на тимот си заминуваат помошните тренери Марко Величковиќ и Сашо Тодоровски кои со години се први соработници на Рајковиќ.

„Ова не беше лесна одлука за нас. Тајмингот е незгоден, ретко кој клуб менува тренер на една недела пред плејофот. Имавме одличен човечки и професионален однос со Емил. Тој со голема одговорност пристапуваше кон работата, се најде во тешка ситуација кога во ЦСКА има големи промени. Секогаш ќе им бидеме благодарни на Емил и помошниците, им посакуваме среќа понатаму“, рече претседателот на ЦСКА, Андреј Ватутин.

Нов тренер на ЦСКА е Гркот Андреас Пистиолис. Овој 45-годишен тренер се враќа во ЦСКА, каде што работеше речиси осум сезони како асистент. Тој има пет европски титули, три со Панатинаикос како помошник на Жељко Обрадовиќ и две со ЦСКА како асистент на Димитрис Итудис.

- Оглас -

Најнови вести