Најтрофејниот хрватски клуб Динамо Загреб денеска остана без тренер откако Игор Јовичевиќ доби отказ. Взаемен бил договорот за заминување на Јовичевиќ, а причина за неговата смена се слабите резултати на екипата. Динамо вчера загуби на гостувањето кај Риека.
„Имав најдобри намери, но таков е фудбалот. Топката едностано не ме сакаше, но си заминувам со крената глава од мојот клуб. Благодарам на дадената доверба, на прекрасните години кои ги поминав во школата на Динамо и тоа што ми дадоа шанса да бидам тренер на првиот тим. Секогаш ќе бидам ’динамовец’ и верувам дека ова е само довидување, но не и збогум“, рече Јовичевиќ.
Пред да биде назначен за прв тренер на Динамо, Јовичевиќ две години работеше во младинскиот тим на Модрите, каде што по неговото прекомандување кај сениорите, довербата ја доби македонскиот стратег Гоце Седлоски. Токму Седлоски е една од легендите на Динамо и сега се споменува како еден од можните наследници на Јовичевиќ на тренерското место во Динамо.
Најтрофејниот хрватски клуб само трипати победи во последните седум меча, што значи дека првата цел на новиот тренер ќе биде да се врати победничкиот дух на екипата.