Динамо испрати порака до Шкупи и ја потпиша со петарда во Копривница

Динамо Загреб речиси и да не се замори вечерва во победата од 5:1 против Славен Белупо во Копривница, а пред реваншот со Шкупи на 26. јули во Скопје во второто квалификациско коло за Лигата на шампионите.

Хрватскиот гигант испрати предупредување до чаирчани и го потпиша со пет гола, првите три од нив, експресни за само 12 минути во првото полувреме.

Славен поведе со гол во втората минута и само го налути фаворитот. Динамо брзо возврати со три гола од седмата до 19. минута, а стрелци беа Батурина, Оршиќ и Дрмиќ.

Веќе по неполни 20 минути игра беше јасно дека Динамо ќе победи, а и ќе може да одмори дел од адутите.

Мишиќ со гол во 74. минута и Спикиќ во 90. само ставија печат на победата како загревање за хрватскиот првак пред гостувањето кај Шкупи.

Денеска за Динамо цел меч одигра Стефан Ристовски и тоа како стопер, што не е негива позиција, но веројатно ќе ја игра и за три дена на „Тодор Проески“ арената од 21 часот на реваншот со Шкупи.

Не настапи Аријан Адеми, кој беше главниот играч на Динамо Загреб во ремито 2:2 на првиот меч кога постигна гол и имаше асистенција.

Хрватскиот првак по две кола има две победи во ХНЛ лигата, а за нив најважен е реванш мечот со Шкупи на 26. јули од 21 часот во Скопје.

Победникот од двомечот ќе игра во третото квалификациско коло за Лигата на шампионите најверојатно со бугарски Лудогорец, екипа која го победи Шемрок со 3:0 на првиот меч како домаќин.

- Оглас -

Најнови вести