Додека одлучат за визата на Ѓоковиќ, ќе почне Отвореното првенство на Австралија – Има и многу лошо сценарио што предвидува казна затвор од 5 години

Австралиските власти сè уште не одлучиле што ќе прават со визата на Новак Ѓоковиќ, која сега е валидна за влез во земјата по одлуката на Федералниот суд, но тоа не е конечното решение.

Судбината на српскиот тенисер е во рацете на Имиграциското биро на Австралија, што го предводи Алекс Хок, кој треба да реши дали Новак ќе игра на тенискиот гренслем во Мелбурн од 17 јануари, каде што е рекордер со 9 титули, или ќе има поинакво решение.

Утре ќе биде и официјалната ждрепка за Отвореното првенство на Австралија, а Ѓоковиќ е рангиран како прв носител, но му се заканува и поинакво сценарио.

Според дел од медиумите во Австралија, а се работи за „Ди-Ејџ“ и „Сиднеј морнинг хералд“, истрагата ќе се прошири за да се утврди дали Новак ги прекршил строгите протоколи за изолација во случај кога бил позитивен на ковид-19.

Српскиот тенисер ја објасни спорната ситуација и како се случило на 16 декември да биде позитивен на корона-вирусот, а следниот ден да дели подароци на деца и на 18 декември да има интервју за француски „Л`Екип“.

„Присуствував на кошаркарски меч во Белград на 14 декември и имаше информација дека одреден број луѓе што биле присутни имаат ковид-19.

Немав симптоми, но се тестирав со брз тест на 16 декември и тој беше негативен. Истиот ден го направив и официјалниот и признат ПЦР тест. Следниот ден бев на тенискиот настан во Белград да им врачам награди на децата. Пред доаѓањето, направив уште еден брз тест и резултатот беше негативен. Се чувствував добро, без симптоми за корона-вирус, а по настанот стигна резултатот од ПЦР тестот на кој бев позитивен. Следниот ден дадов интервју за „Л`Екип“ во својот тениски центар во Белград. Имав обврска кон новинарот, му ветив и не сакав да го откажам интервјуто. Носев маска и бевме на предвидената дистанца. Можеби згрешив и веројатно требаше да го одложам интервјуто“, објасни Ѓоковиќ.

Токму по соопштението на Новак Ѓоковиќ и овие детали и интервјуто за францускиот медиум најавено е проширување на истрагата, а двата австралиски медиуми објавија дека најстрогата казна за давање лажни информации може да биде и пет години затвор за тенискиот ас.

- Оглас -

Најнови вести