Хрватската фудбалска репрезентација освои медали на последните две светски првенства, што е доказ дека и сега треба да се смета како еден од фаворитите на Мундијалот 2026. Селекторот Златко Далиќ беше клучот за успехот и освоениот сребрен медал од СП 2018 и бронзата од турнирот кој се одигра четири години подоцна. Сега, повторно со Далиќ на чело, Коцкестите имаат нов голем предизвик.
Еден од последните тестови за Хрватска пред почетокот на планетарниот собир е дуелот против Белгија кој вечерва ќе се игра во Риека.
„Белгија е вистински тест за нас. Тоа е квалитетен ривал со брзи и моќни играчи. Тоа ќе биде вистински натпревар за да видиме каде се наоѓаме во моментот. Иако се работи за контролен дуел, резултатот ќе ни биде важен поради тоа што следува во следниот период“, рече Далиќ.
Хрватскиот селектор потврди дека на мечот против Белгија ќе се тестира новата тактичка формација 3-4-2-1 која се очекува Хрватска да ја користи на СП.
„Сите играчи кои се повикани се здрави и подготвени. Против Белгија започнуваме со формација 3-4-2-1. Со таа формација сакаме да играме против Англија. Сакаме да видиме како тој состав функционира во пракса и што евентуално може да исправиме“, објасни Далиќ, кој додаде дека во стартниот тим вечерва ќе бидат Лука Модриќ, Матео Ковачиќ, Јошко Гвардиол… Селекторот на Хрватска додаде дека во текот на мечот планира да направи поголем број замени за да може да тестира што е можно поголем број фудбалери.

