Неочекуван проблем за фудбалската репрезентација на Македонија при заминувањето од Истанбул. Авионот со македонската делегација полета според планираното, но веднаш се врати на аеродромот во Истанбул. Според светските сајтови кои ги следат летовите, авионот полетал во 13:17 часот по турско време, но само 23 минути подоцна слетал на истиот аеродром.
Според рутата која може да се види на „Флајтрадар“, летот FH1949 на компанијата „Фрибрд ерлајнс“ само направил круг над Истанбул и веднаш бил приземјен, без да се наведе причината дали се работи за лошо време или некој несакан дефект на леталото.
Според последните информации, македонската делегација е безбедна и ќе се врати со следниот лет од Истанбул за Скопје.



