Четирикратниот светски првак Италија повторно остана без пласман на Светско првенство. Ова е третпат во низа Аѕурите да извисат и да не бидат дел од планетарниот собир. Вторпат по ред Италија е елиминирана во баражот за пласман на планетарниот собир. Во финалниот дуел на гости во Зеница, Италија беше елиминирана од Босна и Херцеговина. Откако дуелот заврши 1:1 на пенали, БиХ беше подобра со 4:1.
Еден од оние кои најтешко ја прифатија елиминацијата во плејофот беше голманот Џанлуиџи Донарума. Еден од најдобрите голмани на денешницата призна дека плачел откако репрезентацијата не успеа да се квалификува за Светското првенство.
„Плачев по натпреварот. Плачев од разочарување што не можев да ја водам Италија таму каде што заслужува да биде. Плачев од огромна тага што ја чувствувам заедно со целиот тим, чиј капитен сум горд и знам дека и вие, навивачите на нашиот тим, ја чувствувате оваа тага“, напиша Донарума на своите социјални мрежи.

Капитенот ги повика навивачите да веруваат во репрезентацијата и рече дека мора да се соберат и да почнат одново. Донарума веќе една деценија е голман на Италија, но досега немал шанса да брани на СП затоа што последен настап на Италија на најголемиот фудбалски собир беше на Мундијалот во 2014 година во Бразил.
„Зборовите сега не значат многу, тоа е вистина. Но, по толку длабоко разочарување, мора да најдеме храброст да свртиме нова страница – повторно. А тоа бара многу сила, страст и вера. Верата е она што нè движи напред. Бидејќи животот има начин да ги наградува оние кои даваат сè од себе, не штедејќи никаков напор“, додаде Донарума.

