Драгиќ со трипл-дабл му покажа на Дончиќ кој е „газдата“(Видео)

Горан Драгиќ покажа дека знае да блесне кога е најпотребно. Словенечкиот кошаркар со трипл-дабл го предводеше Мајами до победа над Далас од 105:99. Со овој триумф, „жешките“ стигнаа до осмото место на Западот со 37 победи и 38 порази. Деветопласираниот Орландо ноќеска загуби од Детроит и сега има биланс од 37:39. До последниот меч тука може да биде неизвесно за тоа кој тим ќе оди во плејофот.

Искусниот Драгиќ утрово застана на 23 поени, 12 скока и 11 асистенции и беше убедливо најдобар играч во победничкиот тим. На спротивната страна, Словенецот во дресот на Далас беше најефикасен, но џабе. Дончиќ заврши со 19 поени, 8 скока и 7 асистенции.

Првата ѕвезда на Хјустон, Џејмс Харден одигра уште еден одличен меч и на крајот заврши со 38 поени, а „ракетите“ лесно со 112:85 го победија Денвер.

Еден од понеизвесните мечеви се одигра во Сан Антонио, каде што домашните Спарс се радуваа против Кливленд. Сан Антонио имаше само еден поен предност, кога Милс погоди тројка на 14 секунди до крајот. Најефикасен кај Сан Антонио беше Демар Дерозен со 25 поени.

Резултати: Детроит – Орландо 115:98, Филаделфија – Бруклин 123:110, Мајами – Далас 105:99, Њујорк -Торонто 92:117, Хјустон – Денвер 112:85, Милвоки – ЛА клиперс 128:118, Њу Орлеанс – Сакраменто 121:118, Сан Антонио – Кливленд 116:110.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести