Со 16 младинци во составот игра вистински фудбал за око, а ќе се обиде и да донира (Фото)

Кога ќе успеете да ги минете сите младински категории на клубот за којшто навивате, ќе дојдете и до првата екипа, а таму ќе бидете и капитен, па ќе продолжите како тренер во академијата на истиот клуб и ќе стигнете до предвоник и на првата екипа – тогаш веќе сте жива легенда.

Таков е патот на нашиот гостин во Хуманитарниот тикет на СпортМанија и Sport Life, Марјан Билбилоски, кој во моментов е тренер на второлигашот Тетекс.

Кога пролетта 2024 година Тетекс неочекувано испадна во Третата лига, се промени комплетната стратегија на клубот. Билбилоски беше прекомандуван од тренер на младинците во првата екипа, а со него се префрлија и голем дел од младинците и кадетите на клубот. Идејата беше „текстилците“ да се потпрат на своите фудбалери и тоа вроди со плод – Тетекс експресно се врати во Втората лига, а оваа сезона игра вистински фудбал за око и тоа со млади фудбалери.

„Мора да признам дека како играч од оваа гледна точка мислам дека ми беше полесно бидејќи најмногу размислуваш за твојата игра – како најдобро да одиграш на секој натпревар и да го дадеш максимумот. Додека како тренер на Тетекс, клуб со богата историја и голема армија навивачи, сосема е поразлично и одговорноста е многу  поголема бидејќи мора да размислуваш за целиот тим, играчи со различни карактери како да се вклопат и да го извлечеме најдоброто од нив“, вели Марјан Билбилоски.

Лошиот „влез“ во сезоната и тешкиот распоред на почетокот од првенството го направија своето, па јасно е дека Тетекс ќе мора преку баражот да го обезбеди опстанокот, а за противник ќе го има еден од петте победници на третолигашките региони. Сепак, стратегијата е јасна – Тетекс е млада екипа, која може да се носи и да победи против кој било противник.

„Да, стратегијата на клубот е да се форсираат млади квалитетни играчи, посебно од нашата академија, од каде што имаме и неколку репрезентативци во младите селекции на Македонија. За следната сезона прво се надевам дека ќе го поминеме баражот за опстанок, а потоа да ги задржиме овие млади играчи и со две до три засилувања Тетекс ќе биде во топ-5 екипите во Втората лига следната сезона“, додава Билбилоски.

Стратегијата на двократниот освојувач на Купот на Македонија да се потпре на младите фудбалери се покажува како успешна, барем за првите две сезони. Нема сомнеж дека оваа екипа ќе „расте“, а тоа го покажуваат и на теренот. Ако се погледне записникот од последниот домашен меч на Тетекс (против Преспа), може да се забележи дека Билбилоски во составот имаше неверојатни 16 младинци, по осум во првата постава и на клупата за резерви.

„Почнавме со создавање на нова, млада екипа, која има голем напредок од есенскиот до пролетниот дел. Младите фудбалери стекнуваат искуство со секој одигран натпревар. На голем дел од играчите ова им се први натпревари во сениорска конкуренција. Се надевам дека до баражот сите играчи, пред се, ќе бидат здрави, а ако го дадеме нашиот максимум, мислам дека не треба да стравуваме за опстанокот бидејќи со прикажаната игра, посебно во пролетниот дел, јасно е дека Тетекс заслужува да биде дел од Втората лига“, вели Билбилоски за крај на нашиот разговор.

Во продолжение хуманитарниот тикет, кој доколку биде добитен, средствата ќе бидат донирани онаму каде што ќе бидат најпотребни.

- Оглас -

Најнови вести