Еуро Никел ќе игра во финалето на плејофот за кошаркарската титула на Македонија. Кавадарчани направија изненадување и со 2:0 во победи го елиминираа Работнички. По триумфот во Скопје, денеска Еуро Никел се радуваше и во вториот меч и тоа во еден од најдраматичните завршници.
Малку беа 40 минути за да се дознае победникот, затоа што резултатот беше нерешен 74:74, а во дополнителните пет минути домаќините победија со минимални 88:87. Еуро Никел во финалето ќе го чека подобриот од второто полуфинале каде МЗТ Скопје Аеродром има водство од 1:0 против Пелистер и вечерва со триумф во „Јане Сандански“ ќе избори место во финалето.
Работнички поведе со 4:0 и тоа беше нивна единствена предност. Следуваше серија на домаќините од 11:1 и Еуро Никел поведе со 11:5 и константно имаше водство. Првата четвртина заврши со 25:17, а во вториот квартал разликата најчесто беше и двоцифрена, а највисоката предност изнесуваше 43:28.
Ништо не се смени и во третите 10 минути кога Еуро Никел ја одржуваше комотната предност, па во пресрет на последниот период влезе со предност од 62:54. Сепак, Работники не се предаде и во решавачкиот дел заигра многу подобро. Гостите полека ја топеа негативата, а во 39 минута прв пат израмнија и тоа на 72:72.
Потоа следуваше драмата. Домаќините повторно поведоа, а Работники на 15 секунди пред крајот израмни на 74:74. Еуро Никел го имаше последниот напад за победа и влез во финалето, но Дубински промаши на положување и мораше да се играат продолженија.
Во дополнителните пет минути повторно домаќините тргнаа офанзивно и со серија 9:3, стигнаа до 83:77 на две и пол минути до крајот. Работнички не се предаде и со тројките на Бундовиќ и Питс, како и положувањето на Американецот, гостите од Скопје во последната минута влегоа со предност од 85:84.
Потоа двете екипи погодија по еден напад и на 39 секунди повторно беше плус еден за најтрофејниот кошаркарски клуб. Рикиќ реализираше од под кош и Еуро Никел поведе со 88:87 на 21 секунда до крајот, а последниот напад за победа го имаа скопјани.
Питс ја превзема одговорноста да шутира, но промаши и тука беше крајот за Работнички за оваа сезона.