„Драмарума“ – Голманот на Милан го чека дербито со Јуве за да одлучи околу својата иднина

Џанлуиџи Донарума по совет на својот агент Мино Рајола ги држи во неизвесност италијанските гиганти Милан и Јувентус. На репрезентативецот на Аѕурите му истекува договорот со Росонерите по крајот на сезоната, а веќе извесно време на масата стои понуда од седум милиони евра сезонска плата и плус еден милион евра во бонуси за да остане на „Сан Сиро“ уште долги години.

Од друга страна, 22-годишниот голман има можност без отштета да се пресели во редовите на ривалот Јувентус, од каде што стигна побогата понуда од 10 милиони евра годишна плата. Но, се покажа дека парите не се проблем за Донарума, туку желбата да настапува во Лигата на шампионите, што ќе биде клуч за неговата одлука каде ќе ја продолжи кариерата.

Имено, Донарума ќе чека до 9 мај, односно до дербито меѓу Јувентус и Милан, кое ќе се игра на „Алијанц стадионот“ во рамките од 35-тото коло во Серија А, по кое појасна ќе биде сликата околу екипите кои ќе се пласираат во ЛШ.

Милан претрпе слободен пад на табелата од второто до петтото место само во неколку кола, па сега има идентичен број на бодови колку што имаат Јувентус и Наполи, по 66, додека пред нив е Аталанта со два бода повеќе.

- Оглас -

Најнови вести