Дуделанж се надева на нова авантура во фазата по групи во Лигата на Европа

Емилио Ферера и неговите избраници од Дуделанж посакуваат нов подвиг и реприза од лани, кога постигнаа историски успех и станаа прв клуб од Луксембург што играл во фаза по групи во Лигата на Европа.

„Шкендија има добар тим и ги респектираме, но се надеваме дека ќе одиме понатаму. Ја паметиме мината сезона, која беше историска за нас и би било прекрасно да успееме да го повториме подвигот. Верувам дека имаме квалитет да останеме непоразени утре во Скопје против Шкендија“, изјави Ферера.

Белгиецот не успеа да го протне клубот во следното квалификациско коло во Лигата на шампионите, а Дуделанж беше елиминиран од Валета поради поголемиот број примени голови на домашен терен, при израмнет вкупен резултат од 3:3.

Шкендија ќе се обиде да најде утеха по сензационалната елиминација во квалификациите за ЛШ од Номе Калју со успех против Дуделанж, а потоа повторно би можела да игра со Естонците.

Првиот дуел од двомечот во второто квалификациско коло за ЛЕ ќе се игра утре, на арената „Тодор Проески“ во Скопје од 18 часот.

 

- Оглас -

Најнови вести