Македонската фудбалска репрезентација одигра два контролни меча во последните неколку дена, и тоа против две селекции кои ќе играат на Светското првенство. Најпрво гостувавме кај Босна и Херцеговина во Сараево, а мечот кој беше без многу возбудувања, заврши и без голови. Потоа македонската експедиција продолжи кон Истанбул, каде што синоќа играше против домаќинот Турција. За жал, Македонија на овој контролен меч одигра разочарувачки и загуби убедливо со 4:0.
На овие две средби, новиот селектор Гоце Седлоски реши да им даде шанса на повеќе дебитанти. Вкупно седуммина нови играчи го облекоа репрезентативниот дрес на Македонија и за првпат заиграа во националните бои.
На првата средба дебитанти беа Георгије Јанкулов, Сабахудин Дин Аломеровиќ, Азер Омерагиќ и Дарко Анѓелески. Јанкулов беше стартер и играше во првото полувреме, додека Аломеровиќ и Омерагиќ во игра влегоа на почетокот од второто полувреме на мечот на стадионот „Кошево“ во Сараево. Играчот на Силекс, Анѓелески, на теренот се појави во 58-мата минута.

Селекторот Седлоски и на дуелот против Турција во Истанбул веруваше во дебитантите. Омерагиќ беше стартер на синоќешниот меч и играше до 66-тата минута, а потоа на негово место влезе Дин Аломеровиќ и ги одигра останатите 24 минути.
Сефер Емини дебитираше откако во игра влезе на почетокот на второто полувреме во Истанбул, додека од 65-тата минута на теренот за првпат во националниот дрес се појавија голманот Давор Талески од Вардар и Дарко Додев од Силекс. Со овие двајца, вкупниот број дебитанти на овие два меча е седуммина играчи.
Од сите овие седуммина, најмлад е Омерагиќ, кој следниот месец ќе наполни 24 години. Најстар дебитант во овој контролен период е голманот Талески, кој за Македонија дебитираше на 31 година.

