Дури сега Македонија има за што да жали: Селекција која е на 125-тото место во светот е на пат кон ЕП 2024

Репрезентацијата на Казахстан е дури на 125-тото место на ранг-листата на ФИФА, но оваа селекција е само на два-три чекори од пласман на Европското првенство во 2024 година. Како успеа Казахстан да биде толку блиску до ЕП, а според рангирањето е една од најслабите во Европа?

Казахстан одлично ги одигра четирите меча во Лигата на нациите и успеа да стигне до 10 од можните 12 бодови. Иако беше во последниот барабан и важеше за аутсајдер во групата со Словачка, Азербејџан и Белорусија, селекцијата која сонува пласман на ЕП направи сензационални резултати. Казахстан двапати ја победи фаворизираната Словачка, славеше и над Азербејџан, а одигра нерешено на гости кај Белорусија, па сега е на чекор да го обезбеди првото место во групата, а со тоа и пласман во плејофот за пласман на Европското првенство 2024 година.

Од Сегментот Ц веќе сигурен патник во плејофот е Грција, а натаму оди и Турција, која заедно со Казахстан и најверојатно со Грузија ќе играат во борба за место на ЕП 2024. Тоа значи дека една од најверојатно овие четири селекции ќе си обезбеди место на континенталниот собир за две години.

Македонија е во група со Грузија, но поразот во Скопје со 0:3 токму од овој ривал ја одалечи нашата репрезентација да го повтори успехот од пред две години, кога преку Лигата на нациите се пласиравме на историското прво Европско првенство.

Едноставно, сигурно ќе беше полесно да се надеваме на победа во еден меч против Казахстан, кој е на 125-тото место на ФИФА-листата или пак против Грција која е на 55 место на ФИФА листата, односно Турција која е на 43-тото место на ФИФА ранкингот. Македонија моментно е на 62-рото место.

Доколку не се случи чудо во последните два меча од Лигата на нациите и Македонија да успее да ја „прескокне“ Грузија на првото место, тогаш за нашите фудбалери ќе останат квалификациите за ЕП 2024 година, каде што сигурно ќе добиеме многу потешки ривали од Гибралтар, Грузија и Бугарија.

- Оглас -

Најнови вести