Група водечки тенисери во светот, меѓу кои Новак Ѓоковиќ, Јаник Синер и Арина Сабаленка, изразија длабоко разочарување од наградниот фонд на „Ролан Гарос“, во услови на долготраен спор со организаторите на парискиот гранслем-турнир.
Вториот гранслем во сезоната започнува на 24 мај во Париз, а играчите наведуваат дека имаат и дополнителни барања на кои засега не е одговорено, вклучувајќи подобра застапеност, здравствена заштита и пензиски права.
Организаторите минатиот месец соопштија дека наградниот фонд е зголемен за 10 отсто и сега изнесува 61,7 милиони евра, односно 5,3 милиони евра повеќе од минатата година.
Во соопштението на групата од 20-мина играчи се наведува дека учеството на играчите во приходите од „Ролан Гарос“ паднало од 15,5% во 2024 година на проектирани 14,9% за 2026 година.
Шампионите во машка и женска конкуренција ќе добијат по 2,8 милиони евра, финалистите по 1,4 милиони, полуфиналистите по 750.000 евра, додека играчите елиминирани во првото коло ќе заработат по 87.000 евра.
Играчите тврдат дека и покрај растот на приходите на турнирот, нивниот удел сè повеќе се намалува, што според нив, покажува неправедна распределба на приходите.
Тие истакнуваат и дека нема напредок во барањата за социјална заштита, пензии и долгорочно здравствено осигурување, како и дека недостасува вистинска и транспарентна застапеност на играчите во процесот на донесување одлуки.

