Во ракометна класика, актуелниот ракометен европски првак Вардар денеска е домаќин на Келце во меч од Лигата на шампионите. Дуелот започнува во 18:45 часот во „Јане Сандански“, а гостите ја имаат фаворитската улога.
По досега одиграни шест меча во групната фаза, Келце има четири победи и по еден пораз и реми, па е лидер на табелата со 9 бодови. Вардар во три меча има по една победа, пораз и реми. Во изминативе години, Вардар и Келце одиграа многу интересни дуели, а тренерот на гостите Талант Душебаев знае дека Црвено-црните ќе бидат без својот најголем адут, а тоа е публиката.
„Вардар на овој меч ќе биде без нивниот најголем адут, а тоа е публиката. Секогаш беше тешко да се игра пред таква публика, а сега без пеколната атмосфера нашите шанси за победа се зголемени. Вардар промени повеќе играчи во изминатиов период, но нивната филозофија остана иста. Играат добро и многу се борат. Сигурно нема лесно да се откажат од желбата повторно да стигнат до фајналфор-турнирот“, вели Душебаев.
Иако Вардар е во улога на аутсајдер, Тимур Дибиров вели дека нема шанси македонскиот првак предвреме да се предаде, посебно кога се работи за меч во „Јане Сандански“.