Е. Пелистер поразен од Фуксе Берлин, во последното коло пред своите гледачи ќе го заверува пласманот во нокаут-фазата во Лигата на Европа

Ракометарите на Еурофарм Пелистер се поразени во претпоследното коло од групната фаза во Лигата на Европа со 34:25 на гостувањето кај Фуксе Берлин.

По девет одиграни кола, Е. Пелистер има шест бода и е четврти во групата Д, а во последното коло, што се игра наредниот вторник, битолчани пред своите гледачи ќе го пречекаат Мотор во одлучувачкиот меч за четвртата позиција. Мотор е петти на табелата со еден бод помалку од Е. Пелистер.

Германскиот тим вечерва ја оправда фаворитската улога и ја забележа деветтата победа во деветтиот меч.

Битолчани добро го започнаа натпреварот, имаа водство од 2:4, но тоа беше знак за фаворитот да ја преземе иницијативата и со подобра игра и во одбраната и во нападот до паузата да создаде предност од шест гола (18:12).

Големата предност им овозможи на ракометарите на Фуксе Берлин рутински да го одработат второто полувреме и да слават со 34:25. Костески, Кисум и Суси беа најдобри во редовите на Е. Пелистер со по пет постигнати гола, додека кај Фуксе Берлин, Гидсел даде шест гола.

- Оглас -

Најнови вести