Возбудувањата во македонскиот фудбал продолжуваат денеска со реванш-дуелите од полуфиналето во Купот на Македонија. Интересно е дека никогаш во историјата не се случило две екипи кои се од Втората лига да играат во финалето, а сега може да се направи таков подвиг. Второлигашите Охрид и Шкендија Арачиново се дел од полуфиналето, а како последна препрека за место во финалето ги имаат прволигашите Силекс и Шкендија Тетово.

Во Кратово, Силекс го пречекува Охрид во возвратниот меч откако првата средба заврши 1:1. Охрид покажа дека знае да направи чудо откако во четвртфиналето го елиминира Вардар, и тоа на меч кој се играше во Скопје. Сега истиот подвиг ќе се обидат да го направат против Силекс.

Шкендија сигурно ќе игра во финале на Купот, но дилема е дали ќе биде тимот од Тетово или од Арачиново. Тетовци славеа со 3:2 на првиот меч на свој терен, а сега арачиновци ќе се обидат да ја анулираат оваа негатива.

