Еден од најголемите тениски таленти го освои трофејот во Буенос Аирес и испиша историја

Жоао Фонсека е 18-годишен бразилски тенисер кој синоќа се израдува на првиот трофеј на АТП-турнир. Фонсека триумфираше на турнирот во Буенос Аирес откако во финалето со 6:4, 7:6 го победи домашниот миленик Франциско Серундо. Со овој триумф Фонсека стана првиот тенисер роден во 2006 година со освоен АТП-трофеј.

Бразилецот се промовираше како еден од најголемите таленти кога триумфираше на ATP Next Gen Finals во Џеда, а пред еден месец направи големо изненадување кога во првото коло на Отвореното првенство на Австралија го победи деветиот носител Андреј Рублов.

„Ова е остварување на мојот сон. Секој ден работам напорно. Тешко е да се игра финале на гостински терен, и тоа во Аргентина. Ова е нешто посебно. Направив уште еден чекор напред во мојата кариера. Сега сум еден чекор понапред до остварување на својот сон, а тоа е да стигнам до првото место на АТП-листата“, рече Фонсека по победата во Буенос Аирес.

Тинејџерот кој моментално е на 68-мото место на АТП-листата е и 10-тиот најмлад освојувач на АТП-турнир во тениската ера на Отворените првенства. Фонсека го освои турнирот во Аргентина на 18 години, пет месеци и 26 дена, оставајќи го зад себе легендарниот Пит Сампрас, кој првиот свој АТП-турнир го освои на 18 години, шест месеци и 13 дена.

 

 

- Оглас -

Најнови вести