По скоро тринеделни подготовки, во најголем дел реализирани во Гевгелија, помал во Скопје, сега и во Куманово, македонските кошаркари се подготвени за новиот предизвик, а тоа е претквалификациски циклус, за Светскиот куп 2027 година.
Македонија вечерва од 20 часот во салата во Куманово ќе игра против Романија. Со нов селектор во името на Марјан Илиевски и подмладен состав, целта е јасна, а тоа е да се стигне до победа.
Адем Мекиќ важи како еден од најискусните играчи во нашиот национален тим. Тој најави добра игра, но истотака победа публиката во салата и од целокупната јавност да покаже трпение за овој подмладен состав на Македонија.
„Романија воопшто нема да биде лесен противник за нас. Но ова е нова слика, една подмладена репрезентација гладна за успех, жедна за победа. Ни недостига искуство, но можеме да го надополниме тоа со максимално ангажирање. Би ја замолил публиката за трпение со овие млади момци. Сите сме тука за да го дадеме најдоброто за Македонија. Јас искрено сум пресреќен што сум овде и ќе сториме се за еден позитивен резултат, да дадеме најдоброто од себе и да оствариме конекција со нашите навивачи“ – истакна искусниот бек во нашиот сениорски национален тим.
Сите билети за овој меч се распродадени, што значи дека Македонија треба да има голема поддршка од докажаната кумановска публика.