Екипи од седмата и осмата лига мораа да го одложат мечот поради страв од „местенка“

Во недостаток на фудбалски мечеви од елитните светски лиги, во понудата на светските обложувалници има разни мечеви, па дури и тие кои се од пријателски карактер, а играат нисколигаши од Шведска. Се работи за пријателски меч меѓу седмолигашот Ескилстун и осмолигашот Нашулт Голф. Овие две аматерски екипи сакале да одиграат пријателски дуел од 90 минути, и тоа со присуство на публика, но тогаш се појавил неочекуван проблем.

На фудбалерите и тренерите на двата тима почнале да им се јавуваат „луѓе од сите страни на светот“.

„Вчера цел ден стигнувале телефонски повици до нашите играчи и стручниот штаб. Контактите најчесто биле преку социјалните мрежи, а пораките најчесто биле: „Среќно, се надеваме дека нема да загубите“. Едноставно се случи хаос за еден многу небитен меч. Затоа одлучивме поради сигурност на играчите да го одложиме мечот. Никогаш не знаете што може да се случи кога толку многу луѓе ги контактираат фудбалерите. Дури се јавувале и на тренери од други екипи од нашата лига за да ги прашуваат како сме играле, каква е нашата форма. Контактирале и со наши поранешни играчи и прашувале кој е нашиот почетен состав. Тоа е болно“, вели претседателот на седмолигашот Ескилстун, Бенгин Озеран.

За разлика од останатите европски земји, во Шведска има посебен пристап кон пандемијата од Коронавирусот. Во земјата нема изолација, а границите се отворени. Работат и училиштата, кафулињата и рестораните, а дозволени се и спортски мечеви, но со помал број публика.

Сепак, никој не очекувал дека пријателски меч на две аматерски екипи може да направи таков хаос поради сомнежите дека може да дојде до „местенка“.

- Оглас -

Најнови вести