Екс играч на МЗТ Скопје е херојот: Најмладата држава на свет обезбеди место на Светското првенство

Кошаркарската репрезентација на Јужен Судан испиша историја откако успеа да се пласира на Светското првенство. Јужен Судан стана независна држава во 2011 година и важи за најмлада држава во светот, а ова беа нивни први мундо квалификации и веднаш успеаа да изборат место меѓу најдобрите на планетата.

Селекцијата на Јужен Судан е предводена од некогашниот НБА кошаркар Ројал Ајви, во решавачкиот меч славеше над Сенегал со 83:75, а херој на победничкиот тим беше поранешниот играч на МЗТ Скопје Аеродром, Нуни Омот (играше неколку месеци во 2019 година).

Кошаркарот кој игра на позиција ниско крило успеа да постигне 26 поени и беше вистински лидер до историскиот успех на Јужен Судан, кој претпладнево го победи и ДР Конго убедливо со 82:61, па по 11 кола има биланс од 10 победи и само еден пораз.

Светското првенство во кошарка ќе се игра следното лето во Јапонија, Индонезија и Филипини. Од Африка сигурен патник освен Јужен Судан е само уште и селекциите на Брегот на Слоновата Коска и Египет.

- Оглас -

Најнови вести