Елмас и Наполи непоразени на „Камп ноу“, Николов со Шериф изненадуваат и во Лигата на Европа

Двајца македонски репрезентативци имаа одлична вечер во Лигата на Европа. Елиф Елмас со Наполи одигра 1:1 на гостувањето кај Барселона, во дербито на вечерта, додека Бобан Николов со својот Шериф продолжува да изненадува и на свој терен со 2:0 ја победи Брага, иако гостите беа во улога на фаворити.

Во другите два меча што се одиграа, се радуваа гостите. Бетис со 3:2 го победи Зенит во Русија, а Ренџерс направи изненадување и со 4:2 славеше во Дортмунд против Борусија.

Елмас беше стартер и играше до 84-тата минута за Наполи, а нашиот репрезентативец директно учествуваше и во акцијата за погодокот на италијанскиот тим. Во 29-тата минута, Елмас направи одличен продор, со финта се ослободи од Жорди Алба, асистираше до Пјорт Зјелински, кој од втор обид го совлада Марк-Андре тер Штеген.

Барселона израмни на среќа во вториот дел. По еден центаршут на Траоре, топката случајно удри во раката на еден гостински фудбалер, а главниот судија дури по сугестија од ВАР-собата, покажа на белата точка, а Феран Торес погоди за 1:1 во 59-тата минута.

И Бобан Николов беше стартер и одигра до 89-тата минута за Шериф Тираспољ во победата од 2:0 над Брага. Тил од пенал го најави новото изненадување на молдавскиот првак, а во 83-тата минута Траоре искористи еден кикс на гостите и од контранапад погоди за одлична предност од два гола пред реваншот во Португалија.

Бетис уште во првото полувреме стигна до 3:2 на гости кај Зенит, резултат кој се покажа и како конечен. Ренџерс направи изненадување и со 4:2 славеше во Дортмунд кај Борусија.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести