Елмас излезе, Наполи загуби, Де Лаурентис збесна од нервоза

Елиф Елмас играше до 66. минута за Наполи и излезе од игра при резултат 1:1 против Болоња, за потоа гостите да постигнат победнички гол и да слават со 2:1.

Наполи поведе со погодокот на Љоренте во 41. минута, но кризата продолжува и станува се посериозна по поразот вечерва. Болоња успеа да израмни со голот на Сков Олсен во 58. минута, за потоа Сансоне да го постигне победничкиот гол во 80. минута со комплетен пресврт.

Љоренте постигна уште еден гол во судиското продолжение, но беше поништен поради офсајд, што го потврди и ВАР системот.

Наполи нема победа на последните 8 меча во сите конкуренции, а позната е кавгата меѓу играчите и стручниот штаб од една страна и сопственикот Аурелио Де Лаурентис на другата страна.

Болоња под палката на Синиша Михајловиќ успеа да ја прекине серијата од 4 меча без победа и се искачи на 12. место во Серија А со 16 бода. Наполи има 20 на седмата позиција.

Во истиот термин од 18 часот во меч од Бундеслигата Вердер исто така со пресврт по негатива од 2:1 го победи Волфсбург како гостин со 3:2.

Репрезентативецот на Косово, Милот Рашица беше јунак на победата со два гола, првиот за Вердер од пенал и последниот на мечот за триумф на гостите од Бремен.

- Оглас -

Најнови вести