Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, сериозно го истакна фактот дека Ленс, по поразот на неговиот тим на „Паркот на принцовите“ од Лион (1-2), се доближи само на еден бод во Лига 1.
ПСЖ го пречека Лион во дербито на колото и важеше за голем фаворит, но неочекувано загуби со 1-2. Сепак, Луис Енрике одмори повеќе клучни играчи од самиот почеток, Витиња во 38-мата минута излезе поради повреда, а дури подоцна во игра ги внесе Дембеле и Кварацхелија.
Но, веќе беше доцна, Лион имаше предност од 0-2, па Грузиецот во последните секунди само го ублажи поразот на Светците, кои сега имаат само бод предност пред Ленс, но и два натпревари помалку.
„Многу е лесно да се анализира. Кога така ќе го започнете натпреварот, се обидувате да доминирате и да ја контролирате играта, но примате два гола од првите две шанси… Во тој момент сфативме дека ќе биде тешко. Имавме 23 удари, но погодивме само од последниот, промашивме и пенал и тоа ја прави разликата. Се обидовме да ја смениме динамиката, но не успеавме.
Лион одигра на високо ниво, имаат квалитетни играчи и квалитетен тренер. Мораме да го прифатиме тоа. Ќе ја чекаме следната средба, сега играме на секои три дена. Мораме да им дадеме минутажа на повеќе играчи бидејќи нè чека густ распоред“, изјави Енрике.
На прашањето дали е лоша вест што Ленс се доближи на бод-разлика, тој одговори:
„Не знам, така е! Сакавте поконкурентна лига? Еве ја. Го добивте тоа што го баравте. Ленс има одлична сезона и ќе биде тешко до последното коло.“
„Променивме шестмина играчи и така ќе продолжиме во наредните натпревари бидејќи нè очекуваат уште многу средби“, додаде Шпанецот, свесен за згуснатиот распоред, со оглед на тоа што ПСЖ го очекуваат и два многу тешки дуела во полуфиналето од Лигата на шампионите против Баерн.
Во врска со повредата на Витиња во првото полувреме, Енрике кратко изјави:
„Нема ништо позитивно, тоа е сигурно. Кога мораш да направиш таква промена пред полувремето… Ќе направиме тестови и ќе видиме.“
И покрај киксот, ПСЖ останува лидер на табелата, а ќе биде потребно вистинско чудо Ленс да заврши пред актуелниот европски шампион на крајот од сезоната.

