Македонската фудбалска репрезентација ги прави последните подготовки пред гостувањето в четврток кај Ерменија, во квалификациите за пласман на Светското првенство. Македонија заедно со Ерменија и Романија се во трка за второто место во групата, каде што сигурно прва е Германија.
Второто место носи место во баражот, а моментно Романија е во пол-позиција, додека ние ќе треба да освоиме шест бода и да чекаме кикс на Романците. Елиф Елмас најавува дека Македонија во Ереван ќе оди на победа.
„Одиме во Ерменија да победиме. Иако не зависи сè од нас, имаме мала шанса и таа мала шанса ќе ја бркаме до крај. Треба да очекуваме доста борба, да бидеме паметни, млада селекција сме, да покажеме жар дека сакаме да победиме. Никогаш ништо не се знае. Романија може да згреши и ние со две победи да одиме во баражот. Покажавме дека можеме да играме со сите и треба да покажеме дека повеќе го посакуваме тоа второ место од Ерменија и Романија“, рече Елмас пред денешниот тренинг.
Дуелот во Ереван ќе го суди арбитерот кој беше главен на последното Ел Класико меѓу Барселона и Реал Мадрид.