Аргентинскиот офанзивец Пауло Дибала имаше навистина емотивно збогување по последниот меч одигран во дресот на Јувентус на домашен терен. Дибала кој помина седум години во дресот на Старата дама, синоќа беше заменет во 78 минута на мечот против Лацио (2:2), а откако заврши средбата, Аргентинецот беше обземан од емоции.
Со солзи во очите Дибала отпоздравуваше на навивачите на преполниот стадион „Алијанц Арена“. Тој беше еден од омилените фудбалери на фановите на Јувентус, но реши дека е време да си замине од клубот, откако не му се допаднаа условите кои челниците му ги предложија за продолжување на соработката.
https://twitter.com/i/status/1526309593344786434
Дибала кариерата ја започна во аргентинскиот Институто, а потоа дојде во Италија и играше за Палермо. Во 2015 година направи трансфер во Јувентус и одигра 291 меч за најтрофејниот италијански клуб, а постигна 115 погодоци.
Аргентинецот летово ќе биде слободен играч и сам треба да одлучи каде ќе ја продолжи кариерата. Шпекулациите се дека негов следен клуб може да биде Интер, кој е еден од најголемите ривали на Јувентус.
Покрај Дибала, синоќа пред навивачите на Јувентус се прости и Џорџо Кјелини кој цели 17 години беше дел од клубот.